Македонија по четврти пат се вклучува во Европскиот филмски ден на млада публика

11/05/2018

 

Преостануваат уште само десет дена до 6-ти мај (недела), денот кога Европскиот филмски ден на млада публика ќе го има своето седмо издание на кое ќе се избира најдобриот европски филм за деца.  Агенцијата за филм на РМ во соработка со Европската филмска академија-ЕФА по четврти пат во Скопје го организираат овој настан кој годинава се одржува во рекорден број од 46 европски градови во 37 земји.

Целодневниот настан ќе се одржи на 6-ти мај во Кинотека на Македонија.  Во жирито ќе бидат млади на возраст од 12 до 14 години, кои во текот на целодневниот настан ќе ги проследат  трите номинирани филмови,  ќе имаат можност да дискутираат за нив и директно да комуницираат со своите врсници од Европа преку пренос во живо.

Европската филмска академија оваа година ги селектираше филмовите “Girl in Flight” („Девојка во бегство“) во режија на Sandra Vannucchi, “Hobbyhorse Revolution” („Револуција на дрвените коњчиња“) во режија на Selma Vilhunen и “Wallay” („Волеј“) во режија на Berni Goldblat, кои ќе се прикажуваат истовремено во 46-те градови низ цела Европа.

По проследување на филмовите, младите преку гласање ќе треба да го изберат најдобриот европски филм кој свечено ќе биде прогласен за победник на официјалната церемонија која се одржува во Ерфурт, Германија.

За време на настанот младите од сите земји ќе бидат поврзани меѓу себе преку live stream, ќе имаат можност да бидат дел од официјалната церемонија, додека преку комуникациска платформа ќе имаат можност освен да комуницираат меѓу себе, воедно и да им поставуваат прашања на режисерите, актерите и продуцентите на филмовите.

Номинираните филмови се достапни онлајн за јавноста и може да се гледаат низ целата година. Сите информации може да се најдат на yaa.europeanfilmawards.eu.

Активностите во Скопје ќе ги организира Агенцијата за филм на РМ,  со поддршка од Кинотека на Македонија и спонзорите Добра Вода, Ладна и Витаминка.