Филмот „Исцелител“ избран да учествува на „Косморама“ во Трондхајм , „Бергамо филм митинг“ и „Софија Филм Фест“

12/03/2018

 

Филмот „Исцелител“ избран да учествува на „Косморама“ во Трондхајм , „Бергамо филм митинг“ и „Софија Филм Фест“

Филмот „Исцелител“ е избран во официјална селекција на „Косморама“ во Трондхајм, еден од најголемите и најактуелни филмски настани во Норвешка. По норвешката премиера на филмот во јануари на фестивалот во Тромсе, ова ќе биде негово второ прикажување во оваа земја. „Исцелител“ ќе има три прикажувања за време на фестивалот, на 5-ти, 9-ти и 11-ти март.Филмот е во програмата „Скроблик“ (Skråblikk) заедно со добитникот на бројни награди, англиско-францускиот хит „Смртта на Сталин“ на Армандо Ианучи, и со наградениот филм на филмскиот фестивал во Филаделфија, колумбискиот „Лошата среќна коза“ на Самир Оливерос и други.  

„Исцелител“ е избран и во официјалната конкуренција на 36-тиот меѓународен филмски фестивал во Италија, „Бергамо филм митинг“, во која ќе се натпреварува заедно со 6 други филмови. Филмот ќе биде прикажан на првата натпреварувачка вечер на фестивалот во 20 часот, а во наредните денови ќе има уште едно прикажување. Фестивалот во Бергамо се одржува од 10-ти до 18-ти март.  

Филмот исто така ќе има три прикажувања и на 22-рото издание на најголемиот меѓународен филмски фестивал во Бугарија – „Софија Филм Фест“ и тоа на 13-ти, 15-ти и 22-ри март, натпреварувајќи се во балканската програма во конкуренција со 12 други филмови.

„Исцелител“ досега освои повеќе награди и признанија, меѓу кои позначајни се главната награда на публиката на Солунскиот филмски фестивал и наградата за најдобар меѓународен филм на меѓународниот филмски фестивал во Санта Барбара, Калифорнија.