„Три дена во Септември“ со уште една награда за најдобар филм

01/03/2018

 

Три дена во септември - копродукција помеѓу Скопје Филм Студио и Иконе Студио од Косово - во режија на Даријан Пејовски ја доби наградата за најдобар филм на филмскиот фестивал Balkan Florence Experience кој се одржа по 6-ти пат  во Фиренца, Италија од 22 до 25 февруари.

Фестивалот  преставува преглед на најдобрата и најновата продукција на документарни и долгометражни филмови од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Албанија. Филмовите кои се прикажуваат се избрани во соработка со: Здружение на режисери во Босна и Херцеговина (Босна и Херцеговина), Синедејс (Македонија), Хрватски државен архив (Хрватска), Фестивал за слободна зона (Србија), Филмски фестивал во Приштина), Рестарт (Хрватска), Сараевски филмски фестивал (Босна и Херцеговина), Меѓународен филмски фестивал во Тирана (Албанија).

Наградата "Балкански мостови„ е специјална награда која од оваа година им се доделува на режисерите на долгометражни и документарни филмови кои пред сè успеале да ги зајакнат човековите права во своите филмови. Жирито составено од филмски критичари и експерти од Балканот одлучи оваа награда да му припадне на „Три дена во септември“ на  режисерот Даријан Пејовски кој се потпишува и како сценарист на филмот, заедно со Игор Иванов.